Благоја Милевски: Со нетрпение ја очекувам повторната соработка со познати ликови, врвни наши спортисти

Новиот македонски селектор Благоја Милевски искажа огромно задоволство што во иднина ќе соработува повторно со добро познати репрезентативци во кои силно верува, и кој самиот ги создаваше на патот уште кон ЕВРО 2017…

„Сакам да искажам голема благодарност до медиумите присутни тука, благодарност до ФФМ и господинот Сејдини за укажаната доверба. Што се однесува до мене може да ветам само максимална посветена работа и вреднување пред се на човечките и спортски вредности на сите нас кои ќе бидат во и околу репрезентацијата. Со нетрпение го очекуваме стартот на септемврискиот квалификациски циклус. Лично, навистина со нетрпение ја очекувам соработката со многу познати ликови во репрезентацијата и од таа гледна точка навистина сум возбуден“ – истакна Милевски, притоа дополнувајќи:

„Се она што ни следува за новиот циклус може да кажам дека заеднички таргет ни е 2024 година. Но низ тековните квалификации за СП 2022 ќе дадеме се од себе да имаме што поуспешни квалификации и до крај ќе останеме конкурентни за место на Мундијалот“.

Што се однесува конкретно со престојниот квалификациски циклус за пласман на СП 2022, Милевски потенцира дека не треба да не залажува победата над Германија, а репер треба да ни бидат натпреварите на ЕВРО 2020.

„Не случајно бев на Европското првенство да ги следам настапите на националниот тим. Може да кажам дека не треба да не залажува победата над Германија во овие квалификации, иако секако е за почит и восхит за сите нас, но репер треба да ни бидат натпреварите на ЕВРО 2020 токму против противници какви што имавме и мислам дека само така може да напредуваме. Без некакво залажување кое може да не води во погрешен правец. Нема ништо да ни значи таа победа ако не бидеме на потребното ниво во септемвриските квалификации, против Ерменија, Исланд и Романија. Секако дека добро сум запознаен со целокупниот потенцијал на сите репрезентативци. Знам дека поседуваме индивидуален потенцијал и квалитет, и сето тоа ќе се потрудиме да го ставиме во функција на тимот“ – вели новиот македонски селектор.

Се вчитува...