Во отсуство на Бобан Грнчаров и Никола Глигоров, кој натпреварот со Шкупи го почна од клупата за резерви, честа да биде капитен на Вардар на натпреварот на „Чаир“ му припадна на Дејан Блажевски. Тој за прв пат како стартер се најде во оваа улога…
„Прв пат сум капитен на Вардар како стартер. До сега сум ја носел лентата само кога излегувале досегашните капитени. На натпреварот со Брегалница после излегувањето на Глигоров, мене ми беше доделена улогата на капитен.Да се биде капитен на Вардар претставува голема чест, но во исто време и голема одговорност. Не е воопшто мала работа и воопшто лесно да се има лентата на рака кога се носи дресот на Вардар. Меѓутоа јас се радувам што ја добив оваа улога, и што е најважно мојата екипа оствари победа. Се надевам дека ова нема да ми биде и последен пат, туку ќе ја добијам улогата и во некој од наредните натпревари“ – вели вардаровиот голгетер.
На Вардар му остануваат уште осум кола до крајот на сезоната кои ги очекува со одлична предност на првото место на табелата, но носителот на капитенската лента во неделата смета дека тимот треба да продолжи по победничките патеки.
„Задоволни сме со предноста која ја имаме, меѓутоа ние ќе играме како да немаме предност и на секој натпревар ќе даваме максимум. Свесни се и сите играчи дека уште ништо не е готово. Остануваат уште осум натпревари до крајот и ќе одиме да освоиме што е можно повеќе бодови“ – вели Блажевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА