Блокотехна го растури Гостивар во „дуелот на непобедливите“

Блокотехна триумфираше со убедливи 85-59 на дуелот од петтото коло против Гостивар, пресметека на две екипи кои во оваа рунда влегоа со максимален скор од четири победи и ниту еден пораз. Гостиварци се надеваа дека би можеле да ја продолжат импресивната ссерија по враќањето во елитното друштво, но Блокотехна одигра фантастично, надоврзувајќи се на големата победа на гостински терен против шампионот МЗТ Скопје од пред неколку дена.

Од самиот почеток стана јасно дека екипата од Гевгелија ќе го диктира темпото, откако избраниците на Марјан Илиевски за пет минути стигнаа до солидна предност од 15-7. Првата четвртина заврши со 22-17, а потоа Блокотехна одигра фуриозно во поголем дел од вториот период, поведувајќи со 39-24. Благодарение на младиот Зекири гостиварци ја спуштија разликата под десет на полувремето (41-33), но тоа беше се што готите успеаја да сторат, преостанатите 20 минути минаа во апсолутна доминација на Блокотехна, која ја заврши средбата со преубедливи 26 поени разлика.

Мијатовиќ со 25 поени и 6 асистенции беше клучна фигура кај победничкиот тим и на овој натпревар, додека Американецот Бенџамин беше стрелец на 18 поени. Најефикасни кај Гостивар при денешниот пораз беа Сегариќ со 19 и Димчевски и Зекири со по 15 поени.

Се вчитува...