Боачи го стигна Бошко Ѓуровски, сега го брка Панчев

Ричмонд Боачи го постигна водечкиот гол за Црвена Звезда на синоќешниот дуел со Хелсинки, што беше десетти погодок што голгетерот од Гана го постигна на европските натпревари на „црвено-белите“. Со ова одличниот напаѓач се израмни со поранешниот македонски репрезентативец, Бошко Ѓуровски, кој е еден од ретките со двоцифрен број на погодоци на европските средби на Црвена Звезда.

Покрај Ѓуровски и Боачи, десет гола зад своето име има и Милош Шестиќ, а само за споредба, Дејан Савичевиќ ја заврши својата „црвено-бела кариера“ со девет европски погодоци зад своето име. Интернационалецот од Гана сега го брка остварувањето на легендарниот Македонец, Дарко Панчев, кој постигна 14 погодоци на европските натпревари во црвено-белиот дрес.

Најдобар европски стрелец во историјата на Црвена Звезда е Зоран Филиповиќ со 28 гола, на делба на второто место се Бора Костиќ и Душан Савиќ со по 20 погодоци, а пред Панчев е уште и Никола Жигиќ, кој своевремено постигна 17 погодоци на натпреварите од европските купови на „црвено-белите“.

Се вчитува...