Милан ќе мора да му исплати на Звонимир Бобан отштета од 5,3 милиони евра откако италијанскиот суд пресуди во корист на хрватската фудбалска легенда во спорот со гигантот од Милано.
За потсетување, проблемите настанаа на почетокот од ланската сезона, кога Бобан во интервју како спортски директор на Милан за „Газета дело спорт“ го критикуваше генералниот директор Иван Газидис, осудувајќи го неговото однесување и преговорите со Ралф Рангник за нов тренер, без притоа да ги извести Бобан и Малдини како први оперативци во клубот.
Газидис критиките ги зеде премногу лично, само неколку дена подоцна на Бобан му беше врачен отказ, со образложение „од оправдани причини“. Хрватот веднаш поднесе тужба до судот, за денеска и официјално да го добие спорот, со што на „росонерите“ им е наложено да му исплатат 5,37 милиони евра.
Само за потсетување, Бобан го критикуваше Газидис со образложение дека сегашниот тренер Стефано Пиоли заслужува да добие шанса. По заминувањето на Хрватот тимот влезе во победничка серија, Пиоли доби нов договор, а Рангник самиот се повлече од понудената функција, по што стана јасно дека зборовите на Хрватот биле многу поблиску до реалноста од плановите на Газидис, поради кои всушност и дојде до војната во управата на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА