Македонскиот селектор Благоја Милевски го објави списокот од 27 репрезентативци за првите два натпревари од новиот квалификациски циклус за пласман на Светското првенство 2026 кој стартува овој месец.
Македонија најпрво на 22 март гостува на Лихтенштајн во првиот меч од квалификацискиот циклус, а потоа на 25 март од 20:45 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје го пречекува Велс.
„Списокот е тој од Лигата на Нации, Димитар Митровски и Дарко Велковски нема да бидат со нас поради повреди. Имаме повратник во името на Агом Елези и еден дебитант Лука Станковски кој е во добра форма, и ќе ми послужи да го видиме неговиот потенцијал и тоа колку можеме да го вклопиме“ – истакна Милевски по соопштувањето на списокот притоа дополнувајќи:
„Имаме позади нас успешни Лига на Нации, последните квалификации беа исто успешни. Не очекуваат два меча со сериозни репрезентации. Лихтенштајн го заслужува комплетниот респект затоа што денеска нема лесни противници. Потоа не очекува и Велс кој е редовен учесник на последните светски и европски првенства, што значи максимално сериозен тим“.
Милевски истакнува дека, како и секогаш откако тој е селектор, Македонија ќе игра на победа, но дека секој натпревар е приказна за себе, а нашиот национален тим ќе го почнува секој меч со респект кон секого но силна верба во себе и на терен ќе ја докажува фаворитската улога.
„Мојата Македонија никогаш не се поставила на хартија фаворит, секогаш имаме респект кон сите, а фаворитската улога ја докажуваме на терен. Така ќе биде и низ овој нов квалификациски циклус. Секој натпревар е приказна за себе, секогаш влегуваме да извлечеме победа, но што ќе се случува на самите мечеви не може никој да предвиди“.
Околу распоредот низ првите два термини во март и во јуни….
„Ако до неодамна сами го договаравме распоредот на натпреварите, сега распоредот е делегиран од УЕФА. Но, нас ништо не ни значи посебно распоредот на натпревари. Како и да е, секако мора да играте со сите и дома и гости, и мислам дека нема никаква разлика. Дури и квалитетот на гостинските терени, повеќе ни одговараше да играме на гости. Факт е дека тој јуни месец, кога е крај на сезоната, никогаш не ни носел добро, но се надевам дека ќе се смени сега тоа. Но, пред него најпрво комплетно сме концентрирани на мартовските дуели против Лихтенштајн и против Велс“.
Собирот на македонската селекција за дуелите со Лихтенштајн и со Велс е на 17. март во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА