Бод за Вардар во Кратово, „нула“ за Шкендија во Струга, Работнички почна да „мрда“

Лидерот Вардар освои бод во Кратово играјќи 2-2 против Силекс, откако речиси половина час играше со фудбалер помалку поради исклучувањето на Дарко Мицевски. Силекс поведе рано со голот на Дарко Грозданоски во 12.минута, откако голманот Филип Гачевски имаше слаба реакција, но Вардар возврати во вториот дел. Прекрасен погодок постигна Кристијан Тошевски, а по исклучувањето на Мицевски следеше гол и на Матеј Цветаноски во 70.минута од мечот. Сепак, Кристијан Стојковски во 86.минута донесе израмнување во Кратово. Но, и бодот за Вардар е „капитал“, ако се знае дека Академија Пандев и Шкендија загубија.

Шкендија поведе во Струга, но на крајот загуби со 2-1 од домашниот состав на Струга Трим Лум. Стенио Жуниор во 38.минута постигна убав погодок за актуелниот шампион, но Валентин Кочоски во 54.минута и Нијас Лена во 65.минута се погрижија за целосен пресврт.

Фудбалерите на Академија Пандев исто така поведоа, но на крајот со наведнати глави го напуштија Чаир (3-1). Марко Рајковиќ во седмата минута донесе водство за „пандевци“, но Сержињо во 67.минута и Дембо Дербое во 78.минута му обезбедија триумф на Шкупи. Точка на триумфот стави Фатјон Јусуфи со голот во третата минута од судиското продолжение.

Работнички по подолг период се израдува на победа. На арената „Тодор Проески“ совладан е Борец со 2-1. Давид Тошевски во 37.минута со одличен удар со глава постигна гол за водство, а на 2-0 зголеми Виктор Велкоски во 60.минута. Само две минути подоцна Никола Прелчец од пенал намали на 2-1, што на крајот се покажа и како конечен резултат.

Ренова ремизираше (1-1) против Македонија ЃП. Ремзифаик Селмани беше стрелец на водечкиот гол за „гипсарите“ во 54.минута, а израмни Дејан Блажевски во 90.минута.

ПРВА ЛИГА, 16.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

СИЛЕКС – ВАРДАР 2-2

СТРУГА ТРИМ ЛУМ – ШКЕНДИЈА 2-1

РАБОТНИЧКИ – БОРЕЦ 2-1

РЕНОВА – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-1

ШКУПИ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 3-1

Табела: Вардар 32, Академија Пандев 27, Шкендија 24, Силекс 23, Шкупи 22, Македонија ЃП 22, Струга ТЛ 22, Ренова 16, Борец 16, Работнички 14.

Се вчитува...