Богатата понуда на Дубаи до Евролигата ја оспорува и дебаклот во 2013 година во кој учествуваше и Перо Антиќ

Влезот на Дубаи во европските кошаркарски натпреварувања оди далеку потешко од очекуваното. Клубот од главниот град на Обидинетите арапски емирати цели кон Евролигата, но се чини дека прво ќе мора да се афирмира на „стариот континент“ преку АБА лигата и Еврокупот.

Понудата од 75 милиони евра која стои пред раководството на Евролигата кој воедно нуди и три последователни финални турнири на оваа егзотична дестинација, не е доволна сама по себе со оглед на лошото искуство на Евролигата од минатото, пренесуваат шпанските медиуми.

Елитното европско кошаркарско натпреварување имаше „излет“ во Лондон во 2013 година кој беше оценет како целосен дебакл. На финалниот турнир тогаш се сретнаа ЦСКА Москва, Олимпијакос, Барселона и Реал Мадрид, титулата им припадна на грчките „црвено-бели“ за кои настапуваше и Перо Антиќ, но финалето беше одиграно во полупразна арена.

„О2“ арената во Лондон има капацитет од 20 илјади навивачи, но за разлика од останатите финални турнири каде се бара и карта повеќе, на трибините најголемиот дел од навивачите беа Грци и Шпанци, додека локалните симпатизери во Англија и не беа прерасположени за кошарка.

Со оглед на популарноста која ја носат финалните турнири во Евролигата, раководството не верува дека ваков турнир во Дубаи ќе донесе подобри денови за првенството.

Се вчитува...