БОЈАН КРИЖАЈ за „ПРЕСИНГ“: „Подготвивме мастер-план за Попова Шапка и за развој на скијањето во Македонија, но државата очигледно нема слух за таков проект!“

Најновата епизода на „ПРЕСИНГ“ е посветена на „Мундијалот на пријателството“ кој петта година по ред се одржа во Улцињ, Црна Гора, а на кој се собираат голем број легенди на поранешниот југословенски спорт, врвни спортисти освојувачи на бројни одликувањата од големите натпреварувања.

Па, во „ПРЕСИНГ“, секако очекувано разговор и со еден од најдобрите скијачи на сите времиња, освојувач на Кристалниот глобус во 1987 година и светски вицешампион, Словенецот Бојан Крижај кој за првпат, како што рече беше присутен во Улцињ.

„Фала на Бога дојдов тука во Улцињ и баш уживам на „Мундијалот на пријателството“ и на сите овие настани тука. Се среќаваме со поранешни спортисти. Позитивна идеја, позитивни луѓе. Спортот е оној кој не поврзува и неверојатно среќен сум што сум дел од сето ова“ – вели Крижај.

Неизбежно, Бојан Крижај и со уште едно потсетување на подзаборавениот негов мастер-план за голем проект за развој на најголемиот македонски зимски центар Попова Шапка и за македонското скијање. Крижај никогаш не криел дека Попова Шапка има неверојатни услови да прерасне во голем скијачки центар но, како што вели, државата долги години наназад нема слух за тоа.

„Во Македонија имам многу пријатели и секогаш ни е убаво кога ќе се најдеме. Македонија за Попова Шапка направи мастер-план веќе одамна. Јас помогнав околу тие планови, но кога државата како таква нема, нема слух за тоа тогаш не знам… Дали финансиите се проблем или не знам што и каде е пречката!? Кога толку долго време баш ништо не се случува околу тој проект, тогаш значи нема интерес. А, сето тоа е жално кога Шапка нуди такви услови“ – вели европската и светска скијачка легенда.


==========================================

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО МИРСАД ЈОНУЗ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...