Бојан Трајковски: Дојде време јас да бидам највозрасниот во репрезентацијата

Македонската кошаркарска репрезентација ги стартуваше подготовките за претквалификациите за СП 2023 со значително изменет состав во однос на последните кваликациски циклуси.

Покрај браќата Стојановски, во тимот ќе го нема ниту Стојан Ѓуроски, на првата прозивка не беа присутни Ненад Димтријевиќ и Џејкоб Вајли, доде Љубомир Младеновски беше во „Јане Сандански“, но не тренираше.

Во еден таков комбиниран состав, сега улогата на најискусен во националниот тим му припаѓа на крилниот центар Бојан Трајковски.

„Дојде тоа време кога јас треба да бидам највозрасен во репрезентацијата. Без разлика на тоа, ние на секој натпревар одиме на победа, а олеснителна околност е тоа што ќе имаме предност на домашниот терен. Склопот на млади и искусни кошаркари ќе донесе позитивен резултат, дека младиве ќе ни бидат ветер в грб и мислам дека тоа ќе биде пресудно во овој претквалификациски циклус Мислам дека и тие помлади кошаркари веќе го пробија мразот, го имаа првото искуство со репрезентацијата и сега знаат што и како треба. Не чувствуваме никаков притисок, имаме еден месец за подготовки, а му посакувам добредојде и голем успех на новиот селектор и мислам дека заедно ќе направиме добар резултат“ – рече Бојан Трајковски непосредно пред почетокот на подготовките.

Првиот тренинг го одработија: Виктор Ефремовски, Андреј Андоноски, Марко Миловановиќ, Лејсон Зекири, Валмир Какруки, Андреј Настовски, Оливер Двојковски, Теодор Симиќ, Андреј Магдевски, Кристијан Николов, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Бојан Трајковски, Бобан Стајиќ, Горјан Марковски, Дамјан Робев

Се вчитува...