„Бомба“ од НБА: Кајри Ирвинг доаѓа кај Лука Дончиќ во Далас

Кајри Ирвинг ја продолжува кариерата во дресот на Далас маверикс, откако газдата Марк Кјубан успеа да се договори со Бруклин нетс околу размената на играчи со која повеќекратниот олстар кошаркар кариерата ќе ја продолжи во Далас. Кјубан во неколку наврати најавуваше дека е подготвен за мини-ремонт во тимот со што ќе донесе посериозна помош за главната ѕвезда Лука Дончиќ, а со денешниот трејд зборовите ги претвори во дело.

Интерес за овој одличен кошаркар искажаа и челниците на ЛА Лејкерс, самиот кошаркар најави дека е подготвен повторно да игра заедно со Леброн Џејмс, но Далас сепак излезе како победник од оваа трка. Според договорот меѓу клубовите, Бруклин ги доби Спенсер Динвиди, Доријан Дини Смит, како и изборот од првата рунда на драфтот во 2029 година што требаше да му припадне на Далас.

Челниците на Бруклин не сакаа да се разделат од еден од своите најдобри кошаркари, но пресудeн беше фактот дека договорот на Ирвинг истекуваше на крајот од сезонава, па „мрежичките“ се најдоа во ситуација да мора да го пуштат да си замине ако сакаат да добијат барем нешто за возврат.

Нема сомнеж дека со доаѓањето на Кајри Ирвинг тимот на Далас сериозно си ги зголемува шансите во борбата за висок пласман. А според информациите од САД, Кјубан не планира да застане тука, туку сака да ангажира уште едно посериозно засилување до крајот на преодниот рок…

Се вчитува...