Борец остана непоразен дома, прв бод за Работнички на гости

Борец и Работнички ремизираа (1-1) во првиот меч од седмото коло во Првата фудбалска лига. Велешкиот тим и понатаму ја задржа непобедливоста на домашен терен, а „романтичарите“ го освоија првиот на гости во оваа сезона.

Работнички поведе во 13.минута со голот на Борха Кордоба. Тој умешно се приклучи од позадина и реализираше од петерецот по центаршутот на Николче Шаркоски од десната страна. Борец се закани со ударот од далечина на Оливер Пеев, а по интервенцијата на Шишковски топката силно ја затресе гредата од голот на гостите во 19.минута.

Само четири минути подоцна, Борец израмни со прекрасниот гол на Ѓорѓи Ѓорѓиев. По акцијата од левата страна, Христов ја пропушти топката, а Ѓорѓиев со силен шут од 16 метри ја смести под гредата од голот на Работнички.

Во вториот дел, Борец беше поактивен, но не успеа да стигне до триумф и веројатно поделбата на бодовите е најреалниот епилог.

 

 

Се вчитува...