Борко Ристовски со Барса го освои Суперглоуб

Борко Ристовски се закити со нов трофеј во својата кариера откако македонскиот голман со Барселона го освои Суперглоуб натпреварувањето, кое важи за неофицијално светско клупско првенство. Барса по победата во полуфиналето против Вардар, денеска славеше и над германскиот претставник Фуксе Берлин (29-25), тим што во последните две години стигнуваше до пехарот во Доха.

Голманот Гонзало Перез де Варгас беше најзаслужен за оваа победа, со извонредното издание во големото финале. Шпанецот почна импресивно и овозможи Барселона рано да поведе со 5-1 и потоа да го диктира темпото до крајот на полувремето (15-12), 30 минути во кои Де Варгас имаше фантастични 54% успешност во интервенциите.

Германците заиграа подобро во првите десетина минути од вториот дел, па дури и поведоа со 17-18, но еден тајмаут на Чави Пасквал ги врати каталонците во ритам. Барса за пет минути одговори со серија од четири гола, создавајќи си позитива што рутински ја одржа, но и уште повеќе ја зголеми до самиот крај, за конечни 29-25.

Се вчитува...