Борко Ристовски со трофеј ја заокружи 2017 година

Борко Ристовски успешно ја заврши оваа 2017 година откако со тимот на Барселона ја одбрани титулата во шпанскиот АСОБАЛ-куп освоена минатата сезона.

Каталонците за противник во денешното финале го имаа тимот на Адемар Леон, успевајќи рутински да триумфираат со 28-22. Барса доминираше уште во првото полувреме, ги доби стартните 30 минути со 15-11, за потоа рутински да го приведе финалето до крај и да се закити со нов трофеј.

Ристовски овој меч го проследи од клупата за резерви, откако шанса на голот доби Гонзало Перез де Варгас, кој го заврши финалето со 15 успешни интервенции. Најефикасни кај Барселона беа Ривера и Нгесан со по шест погодоци.

Првиот голман на македонската репрезентација нема време за одмор, бидејќи во следните денови ќе се приклучи на подготовките на националниот тим за ЕП 2018 во Хрватска.

Се вчитува...