Борко Ристовски: Во Барселона добив пријатели со кои продолжуваме во заеднички проекти

Борко Ристовски викендов го одигра последниот натпревар во дресот на Барселона. По две години поминати во најтрофејниот клуб, пред македонскиот репрезентативен голман е нова преселба и нова перспектива на професионален и на приватен план. Од Барселона носи непроценливо искуство, но и нови проекти во зачеток. Еден од нив е кампот на Барселона кој летово ќе го има првото издание во Омиш, Хрватска, а токму Борко Ристовски е носител на проектот.

„Нормално дека ниедна разделба не е лесна и едоставна, меѓутоа јас и во минатото и сега се трудам да не се врзувам претерано за клубовите во кои настапувам. Тоа е моја работа…ја работам професионално и максимално и тоа е тоа. Не сакам премногу филозофии и далечни размислувања. Барселона е еден од најдобрите клубови во светот и сигурно дека ќе ми остане во позитивно и убаво сеќавање. Тука доживеав едни од моите најголеми спортски успеси, освоив многу титули. Но, што е уште поважно, тука запознав луѓе што ќе ми останат пријатели до крајот на животот и со кои почнувам многу заеднички проекти поврзани со развојот на ракометот како во Македонија така и во Европа“ – вели Ристовски.

Ристовски во Барселона дојде во 2016 година од Рајн Некар Левен со кој ја освои првата бундеслигашка титула. Во првата сезона со Барса стигна до Келн, но не и до шампионската титула бидејќи на патот во полуфиналето им застана Вардар. Годинава Барселона го заврши настапот уште во четвртфиналето од ЛШ и европската титула со најтрофејниот клуб за Борко Ристовски остана неостварена желба.

Дали можеше подобро? Веројатно да. Во животот секогаш може повеќе од тоа што сте го направиле. Но сите ние си имаме зацртан план во животот и во кариерите и јас сум цврсто убеден дека ова е мојот пат. На Барселона и посакувам многу успех следните сезони и да го освојат оној трофеј што не успеавме да го освоиме во овие две години кога бев тука – Лигата на шампионите“ – вели македонскиот голман.

Што се однесува за идните планови после Барселона, за Ристовски постојат неколку отворени опции. Сериозната понуда од Бенфика го „отвора“ Лисабон како следна дестинација. Но, понуди за Ристовски има и од неколку бундеслигаши – Кил, Гепинген, Хановер, Ерлаген…што пак му нуди можност за враќање во најсилната лига во светот.

„Вистина е дека имав повеќе понуди од Бундес –лигата, меѓутоа, заради моето семејство во кое неодмана стигна и новиот член, одлучив настапите во Германија да ги оставам во втор план. Сакам да имам повеќе време за своето семејство, а со темпото во Германија тоа е тешко изводливо. Конечната одлука околу мојата иднина ќе ја донесам во наредниот период“ – најавува Борко Ристовски.

Сепак, можноста, после Рајн Некар Левен и Барселона, да го облече и дресот на Кил, е предизвик што може да ги смени плановите, доколку „се поклопат“ коцките…

„Вистина е дека имам постигнато договор со Кил околу моите лични услови за должина на договорот и за финансиите. Меѓутоа, за да биде активиран тој договор, треба претходно да се реализира трансферот на Волф во Кјелце уште ова лето. Мојот менаџер престојуваше во Кил минатата недела и сега се зависи од тоа дали Кил и Кјелце ќе најдат заеднички договор“ – појаснува Борко Ристовски.

Освен преселбата во нова клупска средина и обврските во кампот на Барселона, летово пред крајот на сезонта на Ристовски му претстои и настапот со репрезентацијата на Македонија во баражот за СП 2019 и двата натпревари против Романија која пак ја предводи тренерот на Барселона, Чави Пасквал.

Се вчитува...