Бранислав Ангеловски ја заврши кариерата со ракометен спектакл во Битола

Со многу пријатели и убава ракометна претстава во родната Битола, Бранислав Ангеловски, официјално стави крај на две и пол децениската играчка кариера. Ангеловски и тимот на неговите пријатели и комбинираниот состав на играчи од Пелистер и од Работник со меѓусебен дуел го одбележаа овој проштален ракометен спектакл во салата „Младост“.  На клупата на пријателите на Ангеловски беа неговите поранешни тренери – Гино Стрезовски, Стевче Стефановски и Цане Крстевски, а комбинираниот битолски тим го предводеше Иван Марковски. Првиот погодок симболично го постигна Ангеловски, а натпреварот заврши симболично без победник 41-41  со неговиот последен погодок во играчката кариера.

brance revijalen 02

Голем дел од македонските репрезентативци и негови поранешни репрезентативни колеги дојдоа да го одбележат овој убав ракометен настан во Битола – Кире Лазаров, Филип Миркуловски, Стојанче Стоилов,  Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Велко Марковски, Никола Митревскки, но и клупските колеги и пријатели на Ангеловски од Загреб, од Вардар, од Пелистер, од  Контанца  го збогатија настанот. Битолчани  на теренот ги видоа и Младен Ракчевиќ, Ведран Зрниќ, Далибор Чутура, Лаурентиу Тома, Станеску… кои со своето присуство го збогатија овој ракометен спектакл.

brance222

„Така некако дојде. Мојата желба беше да се простам во Битола. Сакав да ја одиграм последната сезона во Пелистер, но останав во Контанца добив понуда да бидам спортски директор во Констанца и тоа малку ми ги поремети плановите. А, кога веќе не се погоди да ја одиграм последната сезона во Пелистер сакав, токму во Битола да се простам од ракометот и така се роди идејата со пријателите да го одиграме овој ревијален натпревар против комбинираниот состав на Пелистер“ – вели Бранислав Ангеловски.

brance revijalen deko

Во својата богата кариера, Бранислав Ангеловски одигра 159 натпревари и постигна 392 гола во дресот на македонската репрезентација и е трет играч со најмногу репрезентативни мечеви по Стевче Алушовски и Кире Лазаров. Беше дел од македонскиот состав што го освои петото место на ЕП 2012 во Србија, а својот последен натпревар во националниот дрес го одигра на ЕП 2014 во Данска.

Во својата клупска кариера Ангеловски го носеше дресот на Пелистер, на Вардар, Тинекс Пролет, Загреб, Винтертур, Тулуз, Ал Аин, а последните седум години ги мина во романска Констанца. Во јуни годинава стави крај на играчката кариера, но остана во романскиот клуб како спортски директор.

Бранислав Ангеловски и со овој проштален натпревар ја потврди својата ракометна, но пред се човечка големина давајќи му хуманитарен белег на настанот и сите средства од влезниците ги подари на Здружението за борба против ракот „Борка“.

Се вчитува...