Брегалница и Тиквеш по нови победи, дербито на Истокот во Пехчево

Брегалница и Тиквеш денеска од 14 часот во 18. коло од Втората лига – Исток во нови обиди за продолжување на победите, на гостувањата против Росоман, односно Каменица Саса.

По триумфот над Победа, еден од најдобрите фудбалери на Брегалница, Мартин Стојанов вели дека тимот мора да продолжи во засилен ритам, со максимално сериозен пристап на секој натпревар како би се стигнало до посакуваната цел.

„По добрите подготовки и победата во првото пролетно коло во Штип против прилепска Победа, сега не очекува гостување во Росоман, екипа која максимално ја респектираме. Јасно е дека не смее да има опуштање за ниту еден натпревар и пред било кој противник. Мора да продолжиме со тимска игра затоа што тоа е начинот и да се дојде до посакуваните победи преку кои и остварување на целите за влез во Првата лига“ – вели Стојанов.

Дербито на колото, пак, се игра во Пехчево каде Кит Го, кој игра во одлична форма оваа година, го пречекува Кожуф.

„Не очекува интересен натпревар на домашен терен против искусна екипа како Кожуф, составена од квалитетни играчи кои долго играат заедно. Подготвени сме да продолжиме со добрите игри и резултати. Претходниот триумф против Слога носи дополнителен мотив кај секој од нас за надигрување со Кожуф која е одлична екипа од горниот дел на табелата. Носени од одличната атмосфера во тимот верувам дека на крај повторно ќе завршиме со позитивен резултат“ – вели еден од најдобрите фудбалери на Кит Го, Зоран Андонов.

ВТОРА ЛИГА – ИСТОК (18. КОЛО, денеска, 14 ч.)

Кит Го – Кожуф

Плачковица – Осогово

Росоман – Брегалница

Каменица Саса – Тиквеш

Победа – Слога Виница

Се вчитува...