Брегалница ја прекина соработката со Илчо Ѓорѓиоски и спортскиот директор Никола Тонев

Штипска Брегалница ја прекина соработката со шефот на стручниот штаб Илчо Ѓорѓиоски и спортскиот директор Никола Тонев.

Како што информираат од клубот, на само два дена пред четвртфиналето од Купот на Македонија против Струга ТЛ, Ѓорѓиоски и Тонев се одлучија да поднесат оставки од своите функции кои се прифатени од раководството на ФК Брегалница.

„ФК Брегалница ја прекина соработката со шефот на стручниот штаб, Илчо Ѓорѓиоски и спортскиот директор на клубот, Никола Тонев. Ѓорѓиоски и Тонев, кои го водеа спортскиот дел на тимот низ актуелниот дел од сезоната, поднесоа неотповикливи оставки кои раководството на ФК Брегалница се одлучи да ги прифати. ФК Брегалница и целокупното семејство на штипските „сини“ им благодари на досегашниот шеф на стручниот штаб Илчо Ѓорѓиоски и спортскиот директор Никола Тонев за целокупниот придонес за развојот на клубот изминатиот период, со искрена желба за идна успешна кариера“ – се вели во соопштението од ФК Брегалница.

Илчо Ѓорѓиоски ја презеде Брегалница на почетокот од актуелната календарска година, а од клубот заминува по серија од три едноподруго натпревари без пораз, со две победи и реми.

Брегалница во среда од 13 часот во Струга го игра четвртфиналниот натпревар од Купот на Македонија против лидерот во шампионатот, Струга ТЛ. Според најавите, екипата против Струга се очекува да го води еден од членовите на стручниот штаб на клубот.

Се вчитува...