Брегалница не се откажува од битката за опстанок, Работнички ќе се рехабилитира во Тетово

Брегалница не планира така лесно да се откаже од битката за опстанок, иако заостанува шест бода зад Победа која е на местото кое носи бараж пресметката за останување во Првата лига. „Сините“ беа револтирани на судењето од мечот со Пелистер кој заврши без победник (1-1), но сега се комплетно фокусирани на пресметката со Силекс во Кратово во 30. коло од Првата македонската фудбалска лига.

„Никако не помислуваме да се откажеме од битката за опстанок. Тоа ќе го докажеме и денеска во Кратово, каде верувам ќе прикажеме квалитетна игра. Бодовите ни се повеќе од важни. Ќе дадеме се од себе да дојдеме до победата“ – вели капитенот на Брегалница, Горан Здравков.

Кратовци, пак, се и тоа како револтирани од делењето на правдата на мечот со Победа. Токму тој пораз полека ги згаснува надежите дека може да се стигне до европски излез, но останува за Силекс борбата за престиж и докажување на својот квалитет.

А, по оној пораз од Шкупи, пак, Работнички ќе бара рехабилитација против Ренова во Тетово. „Романтичарите“ засега цврсто го држат третото место на табелата кое води во Европа, но „гипсарите“ по последните одлични резултати се решени силно да грабат во желбата за европски излез. Еден од тие одлучувачки натпревари ќе биде токму овој денешниот во Тетово.

ДВОЈКИ – 30. КОЛО (денеска, 16 ч.)

Скопје: ВАРДАР – ПОБЕДА

Битола: ПЕЛИСТЕР – МАКЕДОНИЈА ЃП

Кратово: СИЛЕКС – БРЕГАЛНИЦА

Тетово: РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ

Скопје: ШКУПИ – ШКЕНДИЈА

ТАБЕЛА: Вардар 68 бода, Шкендија 58, Работнички 47, Пелистер 41, Ренова 41, Силекс 36, Шкупи 29, Победа 26, Брегалница 20, Македонија ЃП 19 бода.

Се вчитува...