Брестовац: Тежок прв натпревар против силен противник кој има и нов тренер

Против еден од фаворитите за највисок пласман, хрватскиот Загреб, в сабота, македонскиот ракометен вицепрак Металург го отвора продолжението од сезоната. Тимот на Данило Брестовац кој остана само со предизвикот во СЕХА лигата се соочува со идентичен проблем клако и најголемот дел клубови кои даваат репрезентативци во националните селекции кои што беа дел од Светското првенство. Брестовац предупредува и на проблеми со повредени играчи.

Прв натпревар во оваа полусезона, прв по СП и можеби најтежок за нас. Позитивно е што се игра на домашен терен, минус е што се работи за еден добар противник, кој исто така имаше доста играчи кои играа на СП. Имаме некои проблеми со повреди, Миличевиќ има повреда на рамото, можеби ќе го немаме до крајот на сезоната, не се знае. Шпенде исто така има една повреда, која ја влече подолго време. Сепак, мислам дека ако се придржуваме до нашиот систем на игра ќе бидеме добри. Доаѓа квалитетен противник, затоа се надевам дека ќе се прикажеме во добро светло и ќе фатиме еден континуитет, каков што имавме во Франција“ – вели предводникот на Металург.

Брестовац вели дека Металург во продолжение од сезоната ќе биде со актуелниот состав, нема да има заслувања, а се надева на добра форма како на подготвителните натпревари на турнејата во Франција. За дуелот со Загреб го загрижува тренерската смена во редовите на хрватскиот шампион.

„Имаат нов тренер, со него сигурно ќе имаат некоја нова концепција на игра, затоа малку ми е потешко да го подготвам овој натпревар. Тамше е спротивен од Лино, ако тој повеќе ја почитуваше топката, Тамше сака ракомет со многу трчање, динамичен. Ќе мора да се адаптираме и да реагираме на самиот натпревар. Тешко е да се подготвиме одбранбено, но од друга страна играчите му беа на СП, па и немаше многу време за да менува. Може само да погодуваме како ќе биде“ – вели Брестовац.

Натпреварот меѓу Металург и Загреб е в сабота  од 20.15 часот во арената „Борис Трајковски“.

 

 

Се вчитува...