„Бронзата“ е за Кил, Веспрем последен на Ф4

Кил по подобро изведување на пенали славеше над Веспрем во мечот за третото место на фајналфор турнирот во Келн од ракометната Лига на Шампионите, откако пресметката меѓу лутите ривали по 60 минути игра заврши со израмнети 34-34. „Зебрите“ се вратија од минус четири, а во клучните моменти ја имаа поддршката на голманот Ландин, кој одбрани неколку удари во завршницата, а потоа запре и два седмерци во пенал-рулетот, за триумф и бронзен медал на овој завршен турнир.

Првото полувреме мина во подобра игра на Веспрем, откако унгарскиот тим направи мини-пресврт по почетните 2-1 за Кил и го контролираше резултатот до заминувањето на одмор. Избраниците на Момир Илиќ беа ефикасни во нападот, додека на спротивната страна на голот го имаа одличниот Родриго Коралес, кој само во првото полувреме имаше десет успешни интервенции. Јиха на моменти се решаваше и за „седум на шест“, но и со ваквата тактика не успеа да го исфрли од ритам противникот, па Веспрем на одмор замина со водство од 18-14.

Ваквата предност унгарскиот вицепрвак ја имаше и по десетина минути игра во вториот дел (24-20, 27-23), но потоа дојде до голем пад во играта на Веспрем, слично како што тоа беше случај и во второто полувреме од полуфиналето со Киелце. Зарабец ја презеде одговорноста и со голови, асистенции и изнудени исклучувања го врати својот тим во ритам, серијата погодоци постигне и крилото Ериг, а одбраната на чело со Ландин конечно заигра во посакуваниот ритам. Тоа придонесе Кил не само да израмни, туку и да стигне до минимално водство, па во последните шест минути се влезе со предност на „зебрите“ од 31-32.

Ландин при овој резултат му одбрани пенал на Ненадиќ, но Веспрем се разбуди, за момент ја презеде предноста, за по пеналот на Екберг во последните две минути резултатот гласеше 33-33. Ландин одбрани нов зицер, а Јиха се реши за „седум на шест“ во последната минута. Вајнхолд изнуди пенал од Македа, по што Екберг со нов пенал донесе водство на Кил од 33-34. Илиќ го побара последниот тајмаут на 20 секунди до крајот, а Веспрем тргна со цепелин на Јахија, по што беше досуден седмерец за унгарскиот гигант, што Мае го претвори во израмнувачки гол и пенал-рулет за одредување на освојувачот на третото место на овој фајналфор турнир.

Веспрем не ги искористи првите два пенали преку Маргуч и Јахија, но промашувањето на Зарабец за момент ги врати Унгарците во игра. Сепак, Ландин одбрани уште еден удар, овојпат на Мае,за конечна победа на Кил.

Се вчитува...