Бронзата за Австралија, Лекција од Пети Милс за Дончиќ и компанија

Австралија е третопласирана репрезентација на кошаркарскиот турнир во Токио, откако „кенгурите“ попладнево во „малото финале“ славеа над Словенија со убедливи 107-93. Словенците делуваа емотивно исцрпени по несреќниот пораз од Франција во полуфиналето, па немаа сили да одговорат на пеколното темпо што го наметнаа австралиските кошаркари. Во главна улога беше австралискиот плејмејкер Пети Милс, кој со 42 поени ги предводеше Австралијците до големата победа.

Мечот беше израмнет до пред самиот финиш на полувремето, кога Словенија направи неколку грешки, а Австалија знаеше како да го искористи тоа и на одмор замина со убедливи 53-45. „Кенгурите“ на самиот почеток од второто полувреме стигнаа и до двоцифрена предност што знаеја како да ја одржат. Лука Дончиќ и соиграчите успеаја да се вратат, се приближија само до „минус четири“ (66-62), но Австралијците фуриозно ја завршија четвртината и во последните десет минути се влезе со предност на „кенгурите“ од 78-67.

Словенците не се откажаа, намалија на 83-80 во последниот период, но следеше почетничка неспортска лична грешка од Блажич врз Милс по која „кенгурите“ набрзина поведоа со 90-80, одржуваќи ја позитивата се до конечните 107-93.

Пети Милс одигра фантастичен меч постигнувајќи 42 поени и 9 асистенции, Инглс постигна 16 поени и девет асистенции, додека кај Словенија најефикасен беше Лука Дончиќ со 22 поени и осум систенции, но и осум загубени топки.

Се вчитува...