Бруклин победува и без најдобрите

Бруклин забележа нова победа во НБА-лига, овојпат на гостувањето против Њу Орлеан со 129-134, исклучително значајно ако се знае дека „мрежичките“ повторно беа без помошта на двајца клучни кошаркари. Ниту Дурант, ниту Харден не беа во можност да помогнат на оваа средба, па затоа одговорноста ја презеде Кајри Ирвинг, кој со 32 поени и осум асистенции беше предводник на Бруклин во синоќешниот триумф.

Атланта ја продолжи серијата добри игри со триумфот над Орландо од 112-96, деветта победа на „јастребите“ на последните 11 натпревари. Пресудна беше втората четвртина што Атланта ја доби со 38-24, потоа одржувајќи ја предноста до самиот крај. Треј Јанг беше најефикасен со 25 поени, Лу Вилијамс постигна 22, додека Богдан Богдановиќ го заврши дуелот со 14 поени.

Пол Џорџ беше херојот на ЛА Клиперс на гостувањето против Портланд на кое неговиот тим славеше со 112-113. Портланд имаше предност од 112-107 на 65 секунди до крајот, но Џорџ ги постигна последните шест поени на средбата, носејќи пресврт и триумф на клиперси.

Резултати НБА:

Атланта – Орландо 112-96, Њу Орлеанс – Бруклин 129-134, Њујорк – Шарлот 109-97, Портланд – ЛА Клиперс 112-113, Сакраменто – Минесота 120-134.

Се вчитува...