Бруно Фернандеш официјално избран за најдобар играч во Премиерлигата

Бруно Фернандеш ја круниса фантастичната сезона со уште едно големо признание. Капитенот на Манчестер Јунајтед е избран за најдобар играч во Премиерлигата според Професионалната асоцијација на фудбалери – ПФА.

Португалецот ја доби престижната награда на гласањето во кое учествуваа самите фудбалери од англиската елита. Со тоа Фернандеш ја комплетираше извонредната сезона во која собра низа индивидуални признанија.

Зад него е сезона за паметење. Фернандеш запиша 21 асистенција во Премиерлигата, со што постави нов рекорд во историјата на натпреварувањето, надминувајќи ги досегашните рекордери Тиери Анри и Кевин Де Брујне. На својот учинок додаде и девет гола.

Токму неговите настапи беа еден од главните фактори Манчестер Јунајтед да ја заврши сезоната на третото место и да обезбеди пласман во Лигата на шампионите.

Фернандеш во гласањето ја победи конкуренцијата составена од Деклан Рајс и Габриел од Арсенал, Ерлинг Халанд и Рајан Шерки од Манчестер Сити, како и голманот на Арсенал, Давид Раја.

Ова е уште едно признание за 31-годишниот Португалец, кој претходно беше прогласен и за најдобар играч на сезоната во Премиерлигата, а ја доби и наградата на Фудбалската асоцијација на новинарите (FWA).

Фернандеш со ова стана првиот фудбалер на Манчестер Јунајтед по Вејн Руни во 2010 година кој ја освоил наградата за најдобар играч на годината според ПФА. За „црвените ѓаволи“ ова е вкупно 12-ти пат нивен фудбалер да го добие престижното признание.

Португалецот воедно се најде и во идеалниот тим на сезоната во Премиерлигата, што дополнително ја потврдува неговата доминација во индивидуалните избори за сезоната 2025/26.

Се вчитува...