Будуќност бара поништување на финалната АБА серија со Црвена Звезда

Црногорскиот тим Будуќност не може да се помири со загубената финална серија во АБА лигата. Црвена Звезда славеше со 3-2 во победи, откако ја доби ’мајсторката’ во Белград, на која и претходеа тензии во салата „Пионир“. Будуќност ќе побара поништување на финалната серија и ќе ја информира Евролигата за сите случувања. Со триумфот, Црвена Звезда обезбеди место во Евролигата за следната сезона.

„Снимките пред почетокот и во текот на последниот финален натпревар од плејофот во АБА лигата кои го обиколија регионот, јасно покажаа дека поради нападот на кошаркарите на Будуќност Воли не постоеја услови за нормално одигрување на мечот. Будуќност Воли ќе се обрати до Собранието на клубови кои се членови и сопственици на АБА лигата со јасно барање финалната серија од годинашното натпреварување да биде поништена. Со оглед дека ескалираше расистичко и националистичко навивање на домашните навивачи, должни сме за сите детали од целата финална серија да ја информираме и Евролигата. Единствената цел на ваквата постапка е кошаркарската АБА лига да се сочува како регионално натпреварување и повторно да биде пример на сите претставници на спортови во региоот кои се обидуваат да формираат регионални лиги“, се вели во соопштението на кошаркарскиот клуб Будуќност Воли.

 

Се вчитува...