Бунт на „Олд Трафорд“, навивачите ќе си одат среде натпревар

Навивачите на Манчестер Јунајтед долго време гласно критикуваат, но сега најавуваат дека зборовите ќе ги претворат во дела со бунт за време на дуелот на „Олд Трафорд“ против Вулверхемптон, закажан за 1 февруари. Меѓу фан-групите на најтрофејниот англиски клуб веќе кружи иницијатива да се напуштат трибините на „Олд Трафорд“ во 58. минута од оваа средба, во знак на протест на работата на семејството Глејзер и првиот оперативец Ед Вудворд.

Токму таа минута е избрана како симболика на на авионската несреќа во Минхен на „златната генерација“ на Манчестер Јунајтед од 1958 година, со надеж дека ќе има најголем ефект меѓу навивачите, за што помалку фанови да останат на трибините за завршницата од дуелот со „волците“.

Причината за незадоволство е сосема јасна, новата катастрофална сезона во која „ѓаволите“ веќе заостануваат огромни 33 бода зад лидерот Ливерпул. Јунајтед е на „минус шест“ од Челси во трката за четвртото место кое носи влез во ЛШ, а навивачите се незадоволни од работата на Вудворд, кој раководи со трансферите.

Вудворд неодамна му даде поддршка на Оле Гунар Солскјер и покрај слабите резултати во последно време, но јасно е дека со секој следен неуспех клупата на поранешниот голгетер се посериозно ќе почне да се тресе.

Се вчитува...