Чаир немаше лек за одбраната на Куманово

Цврстата одбрана беше клучен фактор за тимот на Куманово да слави на гостувањето против Чаир со резултат 74-85, со што тимот предводен од Марин Докузовски победнички ја стартуваше новата сезона. Чаир ја почна сезоната со само двајца странци, овој тим вечерва настапи со шест играчи со посериозна минутажа (плус двајца кои вкупно имаа помалку од девет минути), а кумановци знаеја како да го искористат тоа и да стигнат до гостинска победа.

Куманово подобро го отвори мечот и ја доби првата четвртина со 17-24, а потоа на одмор замина со единаесет поени предност (35-46). Чаир покажа карактер и заигра подобро во третата четвртина, за момент профункционира нападот на домашиот тим и негативата се истопи на само еден поен (56-57). Третата четвртина заврши со 56-61, Чаир во 31. минута намали на 60-62, но тоа беше се што домашниот состав успеа да стори на овој натпревар. Одбраната на Куманово функционираше беспрекорно кога беше најважно, гостите се одлепија на 67-80 на две и пол минути до крајот и си ја осигураа стартната победа, изразена со конечните 74-85.

Радукиќ имаше 23 поени и седум скокови, додека Урош Луковиќ стигна до одлични 21 поен и 9 скокови за Куманово, додека најефикасни во таборот на Чаир беа Рушити со 18 и Лука Петровски со 16 поени.

Се вчитува...