Чантурија е херој на Струга, Работник лесно го освои Охрид

Екипата на Струга продолжи со добрите игри во Супер-лигата во 2019 година, совладувајќи го составот на Пролет со минимални 24-23. Пресметката на овие два клуба мина во израмнета битка од првата до последната минута. На крајот сепак пресуди искуството на зимското засилување Реваз Чантурија, кој постигна два гола во последните две минути и му ја донесе победата на домашниот тим. И покрај поразот, Пролет обезбеди учество во плејофот бидејќи Охрид не успеа да приреди изненадување против лидерот Еурофарм Работник.

Ракометарите на Работник ја продолжија серијата добри игри во домашното првенство триумфирајќи на гостувањето против Охрид со убедливи 24-35. Филип Кузмановски беше прв стрелец на „фармацевтите“ од Битола со седум погодоци, ставајќи крај на надежите за пласман на охриѓани во плејофот.

Место во Топ6 екипите во Македонија за оваа сезона обезбеди новиот суперлигаш Бутел, кој вечерва славеше на гостувањето против Радовиш со 29-37. На одмор се замина со минимална предност на гостите од Скопје од 15-16, за потоа во вториот дел целосно да биде скршен отпорот на радовишани. Златко Мојсоски беше во главна улога на оваа средба кај победничкиот тим со десет погодоци, два повеќе од Младеновски и од Давидовиќ. Убедливо најефикасен беше домашниот ракометар Илиев со 15 постигнати гола.

Пелистер очекувано лесно и убедливо славеше над Прилеп со резултат 18-46. Прилепчани поради финансиските проблеми повторно играа како домаќини на гостински терен во Битола, а 60-те минути минаа во доминација на „пелистерци“, кои на крајот славеа со 28 гола разлика. Табангует беше најефикасен во таборот на Пелистер со девет погодоци, еден повеќе од Лековиќ.

Се вчитува...