Чави го распродава „холандското лоби“ во Барселона

На Чави му е јасно дека ќе има полни раце работа за да состави победничка машинерија во Барселона, но новиот тренер е цврсто решен да постави свои темели на тимот, бришејќи што поголем дел од филозофијата што ја наметнуваше неговиот претходник Роналд Куман. Поради ова, Чави побарал од управата што поскоро да бидат продадени холандските интернационалци на кои инсистираше Куман, а кои не се неопходни во визијата на новиот тренер.

Напаѓачот Лук де Јонг е прв на листата непожелни, но проблем претставува фактот дека Барса не може да најде купец за голгетерот кој се наоѓа во очајна форма. Каталонците сакаат да ја прекинат позајмицата и да го вратат Де Јонг во Севилја, но андалузискиот клуб не сака ни да чуе за вакво нешто.

Покрај Лук, на излезна врата се наоѓа и Френки де Јонг, суперталентираниот плејмејкер кој пристигна од Ајакс и е еден од најплатените фудбалери во тимот. Фудбалските квалитети на овој играч за врска не се доведени во прашање, но Барса има нова генерација генијалци (Педри, Гави…) на неговата позиција, па Чави дал зелено светло за негово заминување доколку се добие интересна понуда, со која Барселона би добила значителна сума со која потоа би било доведени нови засилувања по вкусот на новиот тренер. Пеп Гвардиола сака да го види Де Јонг во Манчестер Сити, па се најавува дека каталонците ќе бараат 90 милиони евра, или 50 милиони евра плус Рахим Стерлинг.

Од холандското „лоби“ во Барса во јануари дефинитивно ќе „преживее“ Мемфис Депај, поради големите проблеми во навалната линија што настанаа со здравствените проблеми на Агуеро, како и честите повреди на Дембеле и на Ансу Фати. Сепак, не се исклучува можноста Барселона на крајот од сезонава да го продаде и Депај, за да отвори место и буџет за нова фудбалска мегаѕведа во своите редови (Салах, Халанд, Левандовски…).

Се вчитува...