Чави контра Анчелоти: Лудост е што мора да играме!

По кратката празнична пауза, денеска во акција стапуваат и клубовите од шпанската Ла лига, нешто што воопшто не му се допаѓа на тренерот на Барселона, Чави Ернандез, кој изјави дека е лудост што се приморани да играат, откако повеќе фудбалери се отсутни по позитивните тестови на коронавирусот.

Барса за мечот со Мајорка ќе биде без Клемен Ленгле, Дани Алвеш, Жорди Алба, Алехандро Балде, Гави, Усман Дембеле, Ез Абде, Филипе Кутињо и Сержињо Дест. Правилата на Ла лига велат дека мора да се игра ако клубот има барем пет првотимци и можат да имаат список од 13 фудбалери (со барем еден голман). Барселона патува на гостувањето со 10 младински фудбалери и Чави вели дека тоа е лудост.

„Ќе одиме со Б-тимот и ќе одиме на победа, но 17 фудбалери се надвор од строј и нормално дека сум загрижен. Лудост е што Ла лига не сакаше да го откаже мечот. Нема смисла да се игра и правилата не се нормални“, вели Чави.

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти одговори дека не смее да има откажувања. „Кралевите“ за разлика од Барса, на мечот против Хетафе ќе бидат само без Лука Јовиќ и Винисиус Жуниор.

„Секој има право на мислење, но има протокол кој мора да се почитува. Ако има услови, мора да се игра. Пандемијата е под контрола. Не сум доктор, но сите го велат тоа и мораме да продолжиме“, вели Анчелоти.

Се вчитува...