Чекајќи го Меси, Манчестер Сити го договори Кулибали

Погледите на светската фудбалска јавност се насочени кон Лионел Меси, но Манчестер Сити во исчекување на разврската околу иднината на аргентинскиот генијалец си договори уште едно големо засилување. Станува збор за Калиду Кулибали, одличниот дефанзивец од Наполи кој во текот на оваа седмица би требало и официјално да притигне во тимот на Пеп Гвардиола како супер-засилување за одбраната на „граѓаните“.

Преговорите со Наполи конечно финишираа со успех, Де Лаурентис долго време инсистираше на 80 милиони евра, за на крајот „граѓаните“ да најдат начин да го договорат овој мегатрансфер. Според договорот, Наполи ќе има загарантирани 65 милиони евра со самото комплетирање на трансферот, а остатокот од 15 милиони до сумата што ја бара Де Лаурентис е поврзан со исполнување на неколку клаузули.

Кулибали е второ засилување за одбраната на Манчестер Сити, откако претходно беше договорен и капитенот на Борнмут, Нејтан Аке во трансфер вреден 45 милиони фунти.

Џек-потот сепак се вика Лионел Меси, а „граѓаните“ важат за големи фаворити во оваа трка доколку се остварат најавите за заминување на аргентинската суперѕвезда од Барселона.

Се вчитува...