Чековски: Тројките ќе бидат главно оружје на МЗТ и на дербито

Кошаркарите на Работнички продолжуваат со подготовките за големото дерби против МЗТ Скопје (среда, 17.45 часот во СЦ „Јане Сандански“, дуел на кој тимот предводен од Марин Докузовски ќе се обиде да ја продолжи серијата од седум победи од стартот на сезонава во македонскиот шампионат. Предизвикот е огромен, пресметка на гостински терен со актуелниот шампион, но во таборот на Работнички се оптимисти дека својот квалитет ќе го докажат и на вечното дерби.

Добра вест за Докузовски е што и Ѓорѓи Чековски полека, но сигурно ги надминува проблемите со повредата што ја заработи на дуелот со Гостивар, па крилниот центар речиси сигурно ќе настапи против својот поранешен клуб.

Дерби натпреварите секогаш се квалитетни и неизвесни, очекувам и овој наредниот да не биде исклучок. Противникот е квалитетен, сигурно ќе стори се за да победи, но ние сме Работнички и гледаме само на својата игра. Имаме сопствени сметки и желба да продолжиме со победите, со што уште повеќе би се зацврстиле на првото место на табелата“ – изјавува Чековски.

Ветеранот знае и што ќе биде клучно да се направи за да се земе скалпот на актуелниот првак.

Треба да ја играме нашата игра, а во фазата на одбрана фокус да ставиме на неутрализирање на нивните шутеви од далечина. Тројките ќе бидат главно оружје на МЗТ и на овој натпревар, буквално сите кошаркари се одлични шутери и тоа ќе биде нашиот главен проблем, ако успееме да ги неутрализираме ќе завршиме голем дел од работата“ – порачува Ѓорѓи Чековски.

Се вчитува...