Челси не знае каде тера – ги пушти Вeрнер и Лукаку, па купи тројца дефанзивци за 170 милиони

Ремито на Челси на гостувањето во Нотингем е уште еден доказ за сериозната резултатска криза во која се наоѓа лондонскиот премиерлигаш. Тимот што до пред неколку сезони беше редовен учесник во трката за титулата сега е се подалеку и од борбата за Топ 4, откако летово ги промени газдите и Роман Абрамович го продаде управувачкиот пакет на акции на Тод Боели.

Токму американскиот газда самиот беше задолжен за трансферите во летниот преоден рок (во меѓувреме доведе нов спортски директор, но откако преодниот рок заврши), а токму слабите бизнис одлуки му се удираат од глава на Челси во првиот дел од оваа сезона.

Поранешната легенда на Премиер-лигата, Грем Сунес, тврди дека „сините“ целосно ја утнале работата минатото лето, кога дозволија да си заминат Лукаку (на позајмица) и Тимо Вернер (за 25 милиони фунти). Како засилување за нападот ангажиран беше само Обамејанг за 10 милиони фунти, но Габонецот досега постигна само еден гол во Премиер-лигата, па не е никакво изненадување што Грем Потер средбите ги стартува со Хаверц како најистурен во нападот, иако Германецот не е класичен напаѓач.

Боели не беше „скржав“ минатото лето, но ги утна позициите кои беа неопходни за засилувања, трошејќи неверојатни 170 милиони фунти за тројца дефанзивци, Кулибали од Наполи, Фофана од Лестер и Кукурелја од Брајтон.

„Челси има сериозен проблем, не може да создаде шанса, а потоа нема кој да даде гол. Не можете да ми кажете дека Каи Хаверц е добар одговор за позицијата девет во било која екипа што атакува на висок пласман, тој е добар играч, но не може да ви биде главен голгетер. Лудило е да ги пуштите Вернер и Лукаку да си заминат, a потоа да не донесете нов сериозен голгетер за 170 милиони фунти. Некои работи во фудбалот никогаш не се менуваат, најтешко е да најдете врвни голгетери во тимот. Ако имате пари, и ги потрошите на тројца играчи од одбраната, а притоа сте се ослободиле од двајца голгетери, сметам дека тоа е апсолутно погрешно. Никој не може да ме убеди дека Челси во моментов има подобар напад отколку што имаше минатата сезона“, критичен беше Сунес на одлуките на раководството на лондонскиот клуб.

Се вчитува...