Челси одреди цена од 100 милиони фунти за Педро Нето

Челси постави изненадувачки висока цена за својот португалски репрезентативец Педро Нето. Лондонскиот клуб, наводно, бара дури 100 милиони фунти за 26-годишното крило, кое се најде на радарот на саудискиот Ал-Хилал.

Според информациите на „Би-Би-Си“, „Дејли Мејл“ и новинарот Бен Џејкобс, Нето веќе ги договорил личните услови со Ал-Хилал, но саудискиот клуб сè уште нема испратено официјална понуда до Челси. Преговорите меѓу двата клуба веќе започнале.

За Нето постоеше сериозен интерес и од Манчестер Сити, но во овој момент Ал-Хилал се појавува како најконкретен кандидат за неговиот потпис.

Челси ја формирал високата цена имајќи ги предвид огромните суми кои во текот на овој трансфер-прозорец се бараат за квалитетни крилни напаѓачи. Како пример се наведуваат потенцијалниот трансфер на Јан Диоманде во Реал Мадрид за околу 140 милиони евра, како и сумата која Пари Сен Жермен ја бара од Ливерпул за Бредли Баркола.

Нето пристигна на „Стемфорд Бриџ“ во 2024 година од Вулверхемптон, за трансфер вреден 54 милиони фунти. Португалецот неодамна беше стартер за Челси во пријателскиот натпревар против Реал Сосиедад и остави добар впечаток.

Останува да се види дали Ал-Хилал ќе биде подготвен да плати огромни 100 милиони фунти за Педро Нето или Челси ќе мора да ја намали својата почетна цена доколку сака да дојде до договор.

Се вчитува...