Челси продолжува со позајмиците – си замина и Бакајоко

Челси заврши со купувањето во овој преоден рок, но лондонскиот клуб се уште е активен на пазарот, овојпат за ослободување од оние играчи на кои Френк Лампард нема да смета во текот на сезоната. Серијата пред неколку дена ја отвори Баркли со преселбата во Астон Вила, а денеска беше договорено заминувањето на Темуе Бакајоко, кој својата кариера ќе ја продолжи во дресот на Наполи.

Милан сакаше да го врати Бакајоко во своите редови за уште една едногодишна позајмица, но „наполитанците“ беа поумешни во преговорите и го договорија овој фудбалер како засилување за средниот ред во тимот на Џенаро Гатузо. Бакајоко утре ќе пристигне на лекарски прегледи во Неапол, а во договорот меѓу клубовите нема клаузула за откуп на неговиот договор со Челси.

„Сините“ се обидуваат да се ослободат и од Алонсо, интерес за левиот бек покажува Интер, но двете страни се уште се далеку од договор. Исто така, во тек се преговорите со Баерн Минхен за едногодишна позајмица на Хадсон Одои, кој денеска беше стартер против Кристал Палас, но со враќањето на Пулишиќ и на Зијеш дефинитивно ќе се пресели на клупата за резерви, доколку не си замине од „Стемфорд бриџ“ до крајот на преодниот рок.

Се вчитува...