Челси сигурен, Тотенхем ќе мора да преигрува во ФА Купот

Тотенхем игра слабо во Премиер-лигата, а со бледите изданија „спарси“ продолжија и во ФА Купот, откако ремизираа на гостувањето против Мидлсброу (1-1). Жозе Мурињо избра силен стартен тим со Деле Али, Сон, Ериксен и Лукаш Моура, но лондонскиот клуб очигледно се наоѓа во криза за која „специјалниот“ тешко наоѓа решение. Мидлсброу дури и прв дојде до водство на стартот од второто полувреме, но Моура го постигна голот за израмнување и втор натпревар на кој Тотенхем ќе биде домаќин.

Челси без никакви проблеми го совлада Нотингем Форест (2-0), без оглед на фактот дека Френк Лампард им даде заслужен одмор на голем дел од стандардните првотимци. Во главна улога беше Хадсон Одои, младиот крилен офанзивец го отвори резултатот, а потоа по неговиот удар и одбиената топка од гостинскиот голман Баркли зголеми на 2-0 уште во првото полувреме.

Својот настап во ФА Купот го заврши Кристал Палас, по поразот на домашен терен од Дерби со 0-1. Мартин го постигна победничкиот гол за Дерби, додека дополнителен проблем за Рој Хоџсон е црвениот картон на Миливојевиќ, кој сега ќе мора да пропушти неколку премиерлигашки натпревари на Палас.

Се вчитува...