Червар го чека жестока казна од ИХФ за „нападот“ на судиите

Хрватскиот селектор Лино Червар го чека жестока казна од ИХФ поради изјавите за судиите по вчерашниот пораз од Германија (21-22) со кој „коцкестите“ останаа без полуфинале на Светското првенство 2019.

Хрватска остана без шанси за медал, според Червар само поради данската судиска двојка Хансен и Гједин кои, според него, извршиле „буквално грабеж“ на неговата репрезентација.

„Бесрамно! Ни судеше демек најдобрата судиска двојка, но тоа беше срамно. Мора да бидат санкционирани и отстранети од првенството. Немаат морални вредности, ова е измама при очи. Ова беше грабеж кој го виде целиот свет и тоа треба да се каже. Судии аматери одлучуваат за нашата судбина, ова е недозволиво“ – изјави Червар по натпреварот.

Ако се суди како досега реагирала ИХФ на изјави од овој тип, барем погледнувајќи ги случаите со Веселин Вујовиќ, тогаш јасно е дека Червар го чека голема казна.

„Не можат да ме казнат. Во ракомет сум 45 години и можам ова да го кажам. Не ги навредував судиите и не бев безобразен, само искажав критика“ – вели Червар.

Се вчитува...