Червар ќе биде најстар, а Андерсон најмлад селектор на ЕП во Хрватска

Се уште официјалниот тренер на Металург и селектор на Хрватска, Лино Червар со 67 години ќе биде најстариот селектор на претстојното Европско ракометно првенство во Хрватска што ќе се одржи од 12 до 28 јануари. А, ако ја оствари целта што е поставена пред „коцкестите“ да го освојат златниот медал на „домашното“ првенство, тогаш Червар ќе ќе биде и најстариот селектор со европска титула. Рекордер засега е легендарниот шведски тренер, Бент Јохансон кој на 60 години освои златен медал на ЕП 2002 на кое Шведска беше домаќин.

cervar hr

„Што ќе биде со мене после Европското првенство, многу зависи од резултатот. Тоа, се разбира, не е тајна. Сигурно дека во мене има уште енергија, имам и мотив. Се разбира дека убаво звучи настап на Олимписките игри во Токио. Но, засега тоа е многу, многу далеку. Одиме сега прво да се концентрираме на ЕП кое е пред врата“ – изјави Червар за храватските медиуми.

anderson svedska

На другата страна, за разлика од ветеранот на клупата на домаќините, Шведска ќе го има најмладиот селектор на ЕП. Шведскиот кормилар, Кристијан Андерсон има 36 години и е речиси двојно помлад од Червар. Но, шведскиот селектор е помлад и од некои од своите играчи во составот. Постар од својот селектор е голманот Матијас Андерсон кој има 40 години и ова ќе му биде последно ЕП на голот на Шведска бидејќи на крајот на сезоната ја завршува кариерата и влегува во трнерски води како тренер на голманите во репрезентацијата на Австрија.

christian-prokop

Селектор од новата генерација има и селекцијата на Германија во 39-годишниот Кристијан Прокоп. Тој на клупата го наследи Дагур Сигурдсон кој ја предводеше Германија до европскиот трон на ЕП 2016 во Полска и со 43 години стана најмладиот селектор со европско злато.

Дури десет од 16 селектори што ќе бидат на клупата на претстојното ЕП во Хрватска, пред тренерската имале успешна играчка кариера. Меѓу нив е и актуелниот селектор на Македонија, 47-годишниот Раул Гонзалес. Најголемиот тренерски успех на шпанскиот стратег му е европската титула со Вардар во Лигата на шампионите. А, од играчките денови, Раул Гонзалес со репрезентацијата на Шпанија има олимписка бронза од ОИ 1996 во Атланта.

raul gonzales so rasireni race

Некогаш успешни играчи, а денес кој повеќе, кој помалку, успешни тренери се и некогаш најдобриот играч во светот, Веселин Вујовиќ сега селектор на Словенија, поранешниот репрезентативец на Југославија, Јовица Цветковиќ (селектор на Србија), Дидие Динар (Франција), Геир Свенсон (Исланд), Николај Јакобсен (Данска), Љубомир Врањеш (Унгарија), Јан Филип (Чешка), Кристијан Берге (Норвешка) и Јуриј Шевцов (Белорусија).

Се вчитува...