Червар: Македонија игра одлично „седум на шест“, како и под мое водство

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Лино Червар јасно им порача на своите ракометари дека нема време за славје по победата над Јапонија, потенцирајќи го дуелот со Македонија како еден од најважните во првата групна фаза во Минхен. Дуелот со својата поранешна селекција, која ја водеше на последниот Мундијал во Франција, е од посебно значење за искусниот стратег, кој за успех на утрешниот натпревар меѓу другото ќе треба да најде и лек за тактиката „седум на шест“ на македонскиот селектор Раул Гонзалес.

„Јас имам голем респект за утрешниот противник, тоа е земја во која ракометот е спорт број еден. Во своите редови има одлични ракометари предводени од Кире Лазаров, така што ќе треба добро да се подготвиме. Кога бев селектор на Македонија игравме „Седум на шест“ многу често на СП во Франција. Мислам дека тоа беше добра тактика, но сега во Хрватска немам време да ја воиграм за да ја практикувам. Мислам дека Македонија игра одлично во овој дел од нападот и ќе мораме да бидеме многу внимателно. Против Јапонија не бевме на потребното ниво во второто полувреме, знам дека утре мораме да бидеме многу подобри против Македонците ако сакаме да стигнеме до третата победа“ – истакна Червар на прес-конференцијата по триумфот над Јапонија.

Воедно, тој потврди дека Лука Циндриќ не настапи на денешниот натпревар од тактички причини, за да биде максимално подготвен за дуелот со Македонија.

Се вчитува...