Червар му одговори на Гисласон, Дувњак растргнат меѓу Кил и Хрватска

Домагој Дувњак се уште не се вратил во игра по операцијата на тетивата и неговиот настап на ЕП 2018 во Хрватска и понатаму е под знак прашалник. Но, капитенот на Кил и на хрватската репрезентација сега е и дополнително растргнат меѓу својот клуб и националниот тим. И додека од Кил директно му препорачаа дека ќе биде подобро да не игра на ЕП, од Хрватска порачуваат дека Дувњак сигурно ќе биде во хрватскиот состав за ЕП 2018 на кое се домаќини.

Тренерот на Кил, Алфред Гисласон, пред неколку дена во германските медиуми порача дека „најдобро за сите ќе биде ако Дувњак го прескокне ЕП“ и за неговата повреда директно ги обвини хрватската репрезентација и Хрватскиот ракометен сојуз. На тоа во хрватските медиуми стигна, одговорот од селекторот Лино Червар.

Тоа што го рече господинот Гисласон апсолутно е некоректно. Јас како тренер знам колку е важно здравјето на играчите и дека тоа е најважно во се. Но, исто така како тренер кој во 2007 година го внесе Дувњак во репрезентацијата, имам право да кажам дека таквата изјава од Гисласон е некоректна, дека тоа е работа која тој не смееше, ниту пак требаше да ја каже. Тоа не е работа за која тој воопшто треба да зборува. За тоа дека ние сме нешто виновни во случајот на Дувњак, воопшто е непотребно да се полемизира. Јас разговарав со Дувњак, знам како мисли и што сака, друго не ми е важно“ – рече Лино Червар во изјавата за „Јутарњи лист“.

Хрватите веќе видоа и завера и задни намери во изјавата на тренерот на Кил. Алфред Гисласон како што велат е Исланѓанец, а Исланд „случајно“ е еден од противниците на Хрватска во групата на ЕП. Германија пак е еден од фаворитите за медал на шампионатот на која и „одговара“ Хрватска да биде ослабена, а Кил е германска екипа…

ЕП во Хрватска стартува на 13 јаунари, натпреварите од првата фаза ќе се играат во четири групи, во Сплит, Пореч, Загреб и во Вараждин. Германија е бранител на европската титула од претходното ЕП во Полска, а Хрватска со Червар на клупата, како домаќин ќе треба да ги симне Германците од врвот за да стигне до првата европска титула.

Се вчитува...