Повеќето тренери откако ќе ја минат границата од 65 години почнуваат со планови за иднината, за живот после спортот. Сепак, Лино Червар многупати покажал дека не може да биде сместен во било кој стереотип. Тренерот на Металург вчера го прослави својот 67. роденден, но хрватскиот стратег во интервју за весникот „24 Сата“ јасно става до знаење дека заминување во пензија не е дел од неговите планови за блиската иднина.
„Цел ден сум со ракометот, цело време гледам, размислувам, експериментирам, смислувам нови идеи. Но, добро, кога ја сакаш својата работа, тоа и не е толку голем проблем. Јас станав тренер на 23 години и се уште така функционирам, со истиот жар“ – вели Червар за „24 Сата“.
Кога станува збор за пензионирањето, ставот на Червар е повеќе од јасен.
„Не, не и не, се уште имам волја и амбиции, гладен сум за победи и желен за предизвици. Горд сум на своите резултати, но и на тоа што во четири држави влијаев врз човечки судбини, преку спортот им го подобрував квалитетот на животот. Тој факт посебно ме исполнува“ – порачува Лино Червар.
Интересен е ставот на Лино Червар за евентуална натурализацијата на ракометари во хрватскиот национален тим. Додека како селектор на Македонија наголемо инсистираше Немања Обрадовиќ од Металург да добие македонски пасош, ставот како кормилар на Хрватска му е дијаметрално спротивен.
„Не сум за странци во репрезентацијата. И претходно освојувавме медали со наши деца, сметам дека тоа е вистинскио пат. Еве, Словенците го имаа Рендолф во кошарка и тој им помогна, но клучните кошеви сепак ги постигна Препелич“ – истакнува искусниот стратег на клупата на македонски Металург и на хрватската ракометна репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА