Лино Червар нема по добро да го памети европското деби на клупата на Е. Пелистер откако македонскиот вицепрвак претрпе лесен и убедлив пораз на домашен терен од Ла Риоха.
Хрватскиот стратег немаше одговор за расположените гостински ракометари предводени од голманот Ледо, па по дуелот не му преостана ништо освен искрено да му честита на противникот.
„Шпанците беа подобар противник. Тоа е школуван, добро воигран тим. А ние… ние едноставноо разочаравме и искрено жалам поради ттоа. Изненаден сум што паднавме без испукан куршум. Одбраната не беше на ниво, примавме лесни голови… “, истакна тренерот на Пелитер, па продолжи, вината барајќи ја кај клучните ракометари кои немаа свој ден.
„Можеби играчите од кои очекувавме повеќе не го дадоа потребниот придонес. Би искористил една изрека – едно расипано јаболко може да ја уништи целата гајба јаболка. Таа несигурност се пренесе на целиот тим кога оние што требаше да ја преземат одговорноста не го направија тоа. Бевме исплашени и неконцентрирани“, анализира Червар.
Она од што искусниот стратег е најразочаран е покажаниот карактер на неговиот тим….
„Можеш да загубиш натпревар, тоа е спорт. Но важно е како ќе загубиш. Ако противникот е подобар, а ти се бориш до крај, тогаш му подаваш рака и му честиташ. Ние не заслуживме ништо повеќе од пораз. Во второто полувреме морав да се свртам кон игра што не ја сакам, но бевме во ситуација во која баравме било каква шанса да се вратиме. Мораше и требаше да одиграме многу подобро. Разочаравме. Се надевам дека ќе научиме од грешките, бидејќи понекогаш токму тие се најдобриот учител. Ќе има уште многу натпревари, но вакви изданија не смеат да ни се повторуваат. Сè ќе анализираме заеднички и ќе се обидеме да извлечеме поуки за иднината“, порача за крај Лино Червар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
