Чешка го реши Исланд, Македонија утре може до билет за ЕП

Македонија со триумф на утрешниот меч во Украина ќе си обезбеди пласман на ЕП 2018 во Хрватска, откако во денешниот прв меч од петтото коло во нашата група Чешка го совлада Исланд со резултат 27-24. Со тоа Чесите се први со шест бода, а може да им се приклучи и Македонија во случај на утрешна победа. Исланѓаните остануваат на четири, па дури и со нивна победа и пораз на Македонија (дома со Чешка) во последното коло нашата селекција би останала пред островската репрезентација поради подобриот меѓусебен скор.

Исланд целосно потфрли на денешниот дуел во Чешка, дозволувајќи им на домаќините да го диктираат темпото од самиот почеток. Клучна беше извонредната партија на домашниот голман Галија, кој со бројни извонредни интервенции во првото полувреме ги откажа гостинските ракометари. На одмор се замина со убедлива предност на чешкиот национален тим од 14-9, но домаќините како прерано да почнаа да ја прославуваат победата, па Исланд во вториот дел се врати и на помалку од шест минути до крајот намали на 23-22.

Сепак, Чесите го издржаа завршниот притисок и заслужено славеа со 27-24, за запечатување на својата хрватска виза. Покрај голманот Галија, најзаслужен за победата беше Бабак со осум погодоци. Кај Исланд најдобар стрелец беше Сигурдсон со десет погодоци.

Македонија утре го игра својот натпревар од петтото коло, на гостински терен против Украина, а победа на „црвено-жолтите“ ќе значи и сигурен пласман на ЕП. Во случај на пораз во Украина, македонските ракометари ќе треба во последното коло на домашен терен да ја совладаат Чешка за да стигнат до билет за шампионатот во Хрватска.

Се вчитува...