Четворица репрезентативци со стомачен вирус пред Лихтенштајн

Македонската фудбалска репрезентација се соочува со здравствени проблеми во пресрет на утрешниот меч од Лигата на Нации против Лихтенштајн. Четворица репрезентативци утринава се пожалија на стомачни тегоби и ќе бидат соодветно третирани од страна на медицинскиот тим.

Токму поради ова, и официјалниот тренинг што требаше да се одржи во 11 часот е поместен за попладне во 17 часот на Националната арена „Филип втори“.

На стомачни тегоби се пожалија Бобан Николов, Стефан Спировски, Ферхан Хасани и Мите Цикарски, кои веќе се под медицински надзор и се очекува да бидат подготвени и за попладневниот тренинг и за утрешниот натпревар.

Македонија по првите две кола од Лигата на Нации има две победи во пресрет на двата октомвриски дуели, најпрвин домашниот меч со Лихтенштајн закажан за утре, а потоа и гостувањето против Ерменија во вторник.

Се вчитува...