„Чкембари“ испратија три барања до општинскиот совет во пресрет на продажбата на акциите на ФК Пелистер

Пред утрешната седница на општина Битола на која ќе се дискутира за продажба на дел од акциите на ФК Пелистер, навивачката група „Чкембари“ како дел од фудбалскиот клуб упати три барања до сите советници во општинскиот совет.

Од навивачката група се бара собирање на дополнителни информации за новиот сопственик.

„Поради немањето доволни (никакви) информации за купувачот, пред гласањето, да се обезбедат дополнителни информации за евентуално новиот сопственик. Презентација на проектот како размислуваат да го развиваат клубот во иднина, и да гарантираат транспарентност во иднина, бидејќи иако се работи за 75% приватна сопственост, ФК Пелистер е субјект кој е од висок јавен интерес за Битолчани“, стои во првата точка од барањата на „Чкембари“.

Фановите на Пелистер бараат и гаранција за бетонирање на идентитетот на клубот од Битола.

„Да се вметнат клаузули или одредени анекси во договорот кој ќе го гарантираат зачувувањето на идентитетот на Пелистер. Амблем, боја, име и битолска адреса – Само зелено бел Пелистер“, потенцираа „Чкембари“.

Последниот услов е сопственикот да гарантира дека Пелистер ќе игра само во Првата македонска фудбалска лига.

„Иако фудбалот е игра во која некогаш и парите не играат улога во крајниот резулатат, односно голем влог автоматски не значи голем успех. Меѓутоа, континуираното инвестирање може барем најмалку да го загарантирано прволигашкиот статус на клубот во лига како нашата. Бараме да изнајдете начин, некако да биде и самиот инвеститор условен, Пелистер само прва лига“, стои во соопштението на навивачката група.

По првичните најави, поради немањето на доволно информации, „Чкембари“ не се оптимисти, но доколку Пелистер добие нови сопственици тие на истите им посакуваат многу среќа во управувањето на нивниот миленик.

Се вчитува...