Чолаковски доаѓа во Македонија за септемвриските квалификации: Многу сум возбуден што ќе го носам македонскиот дрес!

Фудбалерот на новиот австралиски шампион Мелбурн сити, Стефан Чолаковски и дефинитивно се приклучува на септемврискиот репрезентативен собир на младата репрезентација на Македонија на стартот од новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП.

21-годишниот Чолаковски уште во февруари оваа година доби повик од тогашниот селектор на младата репрезентација Благоја Милевски за настап во македонскиот национален тим кој го прифати по разговорите со Милевски и тим-менаџерот Зоран Зафиров, но поради строгите Ковид-19 протоколи во Австралија не можеше да се приклучи на јунскиот собир во Скопје и во Словенија.

Сега и официјално ја прифати поканата од ФФМ за настап во У-21 селекцијата во септемвриските квалификации. Потврда за неговото доаѓање во Скопје официјално има и од неговиот клуб Мелбурн сити, кој е дел од фудбалската групација на Сити во чија сопственост се и Манчестер сити, Њујорк сити, јапонскиот Јокохама маринос, шпанска Џирона, белгиски Ломел, уругвајски Монтевидео сити, кинески Шичуан…итн. Па Македонија и дефинитивно го добива еден од најголемите таленти од австралискиот шампионат.

„Навистина премногу сум возбуден од повикот за настап во македонската репрезентација. Првпат ќе бидам во Македонија и може само да кажам дека со нетрпение го чекам моето доаѓање на крајот од овој месец. Уште по првите разговори со Милевски и со Зафиров не размислував воопшто. За мене е чест и задоволство да играм за Македонија. Се гледаме наскоро“ – изјави Чолаковски во телефонскиот разговор за ЕКИПА веднаш по официјалната потврда дека доаѓа за септемвриските квалификациски натпревари.

КОМПЛЕТНОТО ИНТЕРВЈУ НА СТЕФАН ЧОЛАКОВСКИ ЗА ЕКИПА ЌЕ МОЖЕ ДА ГО ЧИТАТЕ ВО ТЕКОТ НА УТРЕШНИОТ ДЕН!

Чолаковски, кој игра на крилните офанзивни позиции. оваа сезона беше активен дел од првиот тим на Мелбурн сити кој стигна до шампионската титула во Австралија, постигнувајќи и три погодоци.

Младата репрезентација на Македонија, сега предводена од Драган Канатларовски, на 2. септември во новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП гостува на Франција, а на 7. септември во Скопје ќе ја пречека репрезентацијата на Србија.

Се вчитува...