Чудно „Ел Класико“ – Без Меси, без Роналдо – и со ВАР!

Вечните ривали во шпанскиот и во европскиот фудбал, Барселона и Реал Мадрид, денеска (16.15 часот) ќе ја имаат најновата пресметка. Желбата да се порази ривалот останува иста, но популарното „Ел Класико“ ќе биде многу поскромно, без двете досега најголеми ѕвезди, кои цела деценија ја правеа тензијата и го збогатуваа дуелот. Ќе ги нема Лионел Меси, кој е повреден, во таборот на Барселона, и Кристијано Роналдо, кој го напушти Реал Мадрид и од оваа сезона настапува во Јувентус.

Но, тоа не значи дека ќе изостане возбудата бидејќи, како што вели, Луис Суарез, овој меч е посебен, и поголем од било кој поединец.

„Ќе го нема Кристијано Роналдо, но тоа не значи дека Реал Мадрид не е опасен тим. Секој фудбалер од нивниот табор има одлични квалитети и може да ни направи многу проблеми. Но, и ние сме подготвени за предизвикот, иако ќе го немаме Лео Меси со нас“, изјави Луис Суарез.

„Кралевите“ не знаат за пораз од 2015 на „Камп Ноу“, но оваа сезона ја стартуваа под очекувањата и затоа на удар е тренерот Хулен Лопетеги. Можно е да добие и отказ доколку го загуби најважниот меч.

„Што ќе биде после „Ел Класико“? Не знам, ќе има нов ден, нема да умреме“, изјави саркастично Лопетеги, на прашањето дали очекува да биде сменет при евентуален неуспех.

„Ел Класико“ е повеќе од меч, а најтешко се чини дека му е на судијата. Спорните моменти се анализираат до најмал детаљ, а фудбалерите протестираат за секоја малку поважна одлука на судијата. За првпат во историјата, на мечевите меѓу Барселона и Реал Мадрид на помош ќе биде и ВАР – технологијата. Веќе нема судијата да биде ’главниот виновник’. Овојпат задачата му припадна на Хозе Мариа Санчез.

Се вчитува...