Чудо во Загреб: Словенечкиот ураган ја потопи Црвена Звезда

Екипата на Приморска приреди сензација на првиот натпреварувачки ден од Супер-купот на АБА во Загреб, откако вечерва славеше над шампионот Црвена Звезда со резултат 88-82. Словенечкиот клуб пред неколку месеци во финалето од АБА2 триумфираше над МЗТ Скопје, а вечерва блесна во сиот свој сјај, декласирајќи го мултимилионски состав на белградските „црвено-бели“.

Кошаркарите на Црвена Звезда почнаа моќно, поведоа со 18-9 и 20-11, но потоа како да застанаа, потценувајќи го противникот. Полетниот состав на Приморска го казни тоа, до крајот на четвртината намали на 26-25, а потоа во остатокот од мечот целосно го сврте резултатот на своја полза. Словенците на одмор заминаа со предност од 41-46, а не само што во второто полувреме не дојде до пресврт, туку позитивата на Приморска уште повеќе се зголемуваше, до најубедливи 16 поени (80-64), за на крајот овој натпревар да заврши со конечни 82-88.

Центарот Јагодиџќ – Куриџа беше клучна фигура со 18 поени и 9 скокови, а Американецот Херис имаше 14 поени иако уште во првите пет минути заработи три лични грешки. Давидовац со 15 и Гист со 12 поени беа единствените двајца со двоцифрен ефект во таборот на „црвено-белите“.

Партизан без многу мака славеше во дуелот со Мега Бемакс со резултат 86-73. „Црно-белите“ отпорот на противникот со скршија со трите тројки во низа на Пејџ во втората четвртина, во третиот период имаа и најубедливи „плус 27“ (66-39), за во последните десет минути да му овозможат на младиот состав на Мега Бемакс да се избори за нешто попристоен пораз. Пејџ беше најефикасен со 23 поени, Бирчевиќ постигна 16, а Томас 15 поени за Партизан.

Се вчитува...