Германците добија уште една мундијалска шлаканица откако повеќекратниот светски првак беше елиминиран уште во 1/16 финалето, и тоа од селекцијата на Парагвај, по пенал рулет откако резултатот по 120 минути игра гласеше 1-1. Голманот Хил беше парагвајски херој на овој дуел, а Германија вината за оваа елиминацијата мора да ја бара во своите редови, неефикасноста во оние 120 минути, за дното да биде допрено со првата германска елиминација во пенал-рулет во историјата на мундијалите.
Парагвај со дисциплинираната одбрана им создаваше многу проблеми на германските офанзивци, а тандемот Ундав – Хаверц што Нагелсман го проба за првпат на овој мундијал не го даде посакуваниот резултат. Не само што Германија се мачеше да создаде стопроцентна шанса, туку и Парагвај прв успеа да поведе, со погодокот на Енцисо во 43. минута.
Вториот дел донесе поинаква слика, германските фудбалери беа поконкретни во акциите, а таквиот пристап даде резултат кога Вирц нафрли од левата страна, а Хаверц со глава го матираше парагвајскиот голман. При 1-1 продолжи доминацијата на германскиот состав, Хаверц не реализираше нова убава шанса со глава, па ова беше прв меч на мундијалот на кој мораше да бидат играни дополнителни 30 минути.
Германската доминација продолжи, а пред крајот на првото продолжение следеше воодушевување за фаворитот, Тах одлично се снајде крај вториот дирек по корнерот на Браун и го матираше парагвајскиот голман. Се славеше две минути, но потоа германската еуфорија спласна откако судијата беше викнат крај ВАР-мониторот и го поништи голот поради прекшокот на Антон врз голманот. Најубавата шанса до крајот ја имаше токму Антон во 119. минута, но ударот на дефанзивецот од непосредна близина заврши директно во рацете на парагвајскиот чувар на мрежата, па овој натпревр мораше да биде решен со пенал-рулет.
Возбудата кулминираше од почетокот на првата серија, кога Орландо Хил го запре ударот на Каи Хаверц. Парагвајците беа прецизни во своите три серии, а во четвртата Хил го запре и Волтемаде, носејќи ја својата селекција на чекор до осминафиналето. Санабрија беше играчот што во четвртата серија имаше шанса да стави печат, но промаши цел гол, потоа во петтата серија Валбуена (кој влезе во игра во 120. минута за да шутира пенал) беше запрен од Нојер, па по петте серии резултатот остана израмнет, 3-3.
Дефанзивецот Тах ја презеде одговорноста како шести изведувач во германскиот состав, но шутираше над гредата, за дефанзивецот Канале да го измами Нојер и да го одведе Парагвај во осминафиналето, пакувајќи ги Германците предвреме да го завршат својот настап на овој светски шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
