Чудотворецот на Аталанта ќе ја буди заспаната „стара дама“

Поразот од Беневенто би можел да му пресуди на Андреа Пирло, кој се наоѓа многу блиску до отказ од клупата на Јувентус. Директорот Паратичи веднаш по мечот му искажа поддршка на Пирло, но претседателот Ањели делува решено да го смени младиот стратег, кој воопшто не ја оправда довербата на „старата дама“. Не само што тимот повторно беше елиминиран во раната фаза од ЛШ како и минатата сезона, туку и има огромно заостанување зад Интер, па уште во март ја има загубено трката за титулата.

Ањели има една желба – Џампјеро Гасперини да седне на клупата на Јувентус. Атрактивниот фудбал што го игра Аталанта е главна препорака на овој стратег, кој ќе има само уште една година од договорот со клубот од Бергамо и би бил достапен за ниска отштета. Гасперини во неколку наврати изрази желба да води клуб со кој би атакувал на титулата, па ќе биде интересно да се види дали Ањели ќе успее да го убеди Гасперини да го предводи проектот во кој е неизвесно дали ќе остане и Кристијано Роналдо.

Проблем се парите, Јуве токму поради тоа не ни сонува за Зинедин Зидан на тренер, а се очекува во текот на летото да си заминат и Роналдо и Рамзи, можеби и Дибала доколку не биде постигнат договор за продолжување на соработката. Гасперини веќе докажа дека може да го извлекува максимумот создавајќи тим без преголеми „ѕвезди“, но притисокот во Јуве дефинитивно е далеку поголем од оној во Аталанта.

Доколку не успеат да го доведат овој стратег, челниците на Јувентус ќе се насочат кон преостанатите две опции, Симоне Инзаги и Лучијано Спалети.

Се вчитува...